Откако беше укината забраната за музички настапи во живо поради пандемијата со ковид-19, нашата естрада постепено се враќа во живот.
Протестите, јавните апели да се изнајде начин да продолжат со настапи, бидејќи се доведени во безизлезна состојба, како и барањата за државна помош, сега очигледно се далеку зад нашите музичари.
Со укинувањето на забраната тие им се вратија на настапите во угостителски локали во земјава, но и во странство, а финансиската состојба повторно им се стабилизираше. И не само тоа, туку многумина од нив покажаа и дека добро успеале да заработат изминатиов период, па на своите официјални профили се пофалија со нови автомобили, куќи, станови…
Популарниот фолк пејач Ѓоко Јовиќ, по потекло од Валандово, а кој со сопругата и четирите деца живее во Скопје, е еден од оние кому по укинувањето на забраната на настапите во живо, очигледно работата му тргнала по угорна линија. Тој се пофали на социјалните мрежи дека ја изненадил сопругата Ивана со нов автомобил.
-Љубов моја! Со многу здравје, мир, љубов и благослов да си ја возиш новата кола! Бог да те чува на сите патишта. По четири дечиња и 15 години што ме трпиш, редно е и јас да почестам – објави Јовиќ, покрај фотографијата со сопругата и автомобилот од марката Хјундаи, Санта Фе.
Според официјалната страница на Хјундаи, овој модел се продава по цена од 57.000 па до 64.000 евра, во зависност од опремата и бројот на седишта.
Како потсетување, до пред помалку од една година, како најпогодени од корона кризата, беа нашите естрадни уметници. Тие во неколку наврати добија државна помош, бидејќи со месеци беа оставени без примања.
Претставници од Здружение на естрадни уметници имаше повеќе преговори со претставници од Владата, и првин им беше одобрена државна помош во износ од 14.500 денари, во рок од два месеци.
Потоа, за 730 музичари беше одобрена помош во висина од по две плати, односно од по 21.776 денари, или околу 517 илјади евра.
Лани во август следеше уште еден пакет помош за нив и тогаш над 372 илјади евра завршија на сметките на 745 естрадни уметници кои добија помош од по 30.750 денари.
Тогаш од здружението апелираа до сите естрадни уметници да се зачленат во ЗЕУМ и да си плаќаат редовно членарина, која на годишно ниво изнесувала по 500 денари.
Најавуваа изнаоѓање на трајно решение, со цел музичарите да можат да плаќаат даноци, за да во ситуации како што беше пандемијата, можат да побараат државна помош.
Беше кажано дека се работи на оформување на Стопанска комора, со која уметниците ќе се искласифицираат, и ќе можат да работат со лиценци, а не како во минатото.
До каде е постапката со лиценцирани настапи, и дали сега музичарите подмируваат давачки кон државата, од ЗЕУМ се немаат јавно огласено.
Вики Клинчарова