Министерот за надворешни работи Бујар Османи очекува деновиве да се одржи консултација со претседателот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски и да се донесе одлука дали поранешниот директор на АНБ Виктор Димовски ќе замине на амбасадорското место во Париз, по случајот со државјанството на Олесандар Онишченко.
-Процедурата е до фаза кога треба да помине во Собрание во Комисија за надворешна политика, бидејќи е добиен агреманот, одбранети се тезите и треба да оди во Комисија за надворешна политика. Меѓутоа, како што знаете и претседателот иницираше процес на консултации помеѓу претседателот, премиерот и мене, како министер за надворешни работи, за да ја процениме состојбата после овој развој на настани и после ќе донесеме на одлука. Досега нема донесена одлука по однос на амбасадорот, но верувам наредните денови ќе имаме таква консултација – изјави Османи.
Министерот потенцира дека треба да биде донесена политичка одлука, како и дека нема да се чекаат резултатите од истрагата.