Претседателката на Судски совет, Весна Дамева е разрешена од функцијата, констатираше нејзиниот заменик Селим Адеми, објави „Макфакс“.
По четиричасовна кавга, а откако Дамева одбила да се стави на гласање точка која ја немаше на дневен ред, нејзиниот заменик решил да се гласа со кревање рака.
Седум членови го поддржале заменикот, кој го презеде раководењето на седницата, при нејзино присуство.
„Претседателката е разрешена и веќе не може да раководи со седницата. Утре во 11 часот закажуваме нова седница. За денеска седницата е завршена“, констатирал Адеми.
Дамева барала да се констатира дека и е одземено раководењето со седницата, иако таа е присутна.
„Претседателот иако е во салата, заменикот самоволно му го одзема раководењето и става точка на дневен ред. Јас сум ваш заложник и на луѓето кои ви дадоа налог за седницата да се прекине“, кажала Дамева.
На крајот, Дамева кажала дека ако оваа одлука биде озаконета, лица од политиката ќе бидат задоволни.
„Ви благодарам многу, ме спасивте мене, оваа одлука е противзаконска. Но нечии желби треба да бидат исполнети. Со гласање од седум гласа, каде нема утврдено ниту основ за разрешување, ниту број на гласови со кои се носи одлуката, ме разрешуваат. Ова не знам како ќе заврши, освен што одредени лица од политиката ќе бидат задоволни од ова. Судскиот совет с вклучи во анархија. Се излезе од контрола. На мое присуство ми зема право на збор. Избор се прави со осум гласа, а се зема мандат со седум гласа“, додала Дамева.