По парламентарните избори во Албанија на 25 април, на кои албанската опозиција не успеа да го собори од власт актуелниот премиер Еди Рама, најголемата опозициска сила Демократската партија (ПД) е пред избор на нов лидер. Меѓу кандидати е актуелниот партиски претседател Љуљзим Баша, а кандидатури поднеле уште тројца: Фатбард Кадили, Едит Хаџи и Агрон Шехај.
Амбиции имале уште пет лица, но тие не биле партиски членови и нивните кандидатури биле одбиени. Изборот на нов лидер ќе се случи на 13 јуни.
Најголемо изненадување е недоставувањето кандидатура од поранешниот шеф на државата и актуелен претседател на Националниот совет, Бујар Нишани, кој се сметаше најсериозен кандидат за партиски лидер.
Четворицата утврдени кандидати од денеска ќе имаат можност да водат кампања, запознавајќи го членството со своите платформи. Тоа може да го прават до 11 јуни, а два дена подоцна партијата ќе го избере новиот лидер по принципот еден член еден глас.
Баша не присуствуваше на седница на претседателството на која се утврдуваа кандидатурите, поради конфликт на интереси затоа што е еден од кандидатите.
Тој третпат ја бара довербата од партијата. На функцијата претседател на ПД дојде по оставката на дотогашниот лидер Сали Бериша, кој се повлече по поразот на парламентарните избори во 2013 година. Вториот мандат Баша го започна пред четири години, кога партијата повторно претрпе пораз на изборите.
На изборите на 25 април, Демократската партија на Баша ја предводеше опозициската коалиција Алијанса за примени и успеа да освои 59 пратеници, додека актуелниот премиер Еди Рама освои мнозинство од 74 пратеници во 140-члениот парламент.