Здружението на контролори на летање на Македонија (ЗКЛМ) денеска се огласи во врска со безбедносниот настан на небото над Скопје, порачувајќи дека застанува во одбрана на колективниот углед и професионализам на контролорите, кои, како што нагласува, се мета на неосновани осуди.
„За настанот од 7-ми септември, навремено е поднесена пријава за безбедносен настан од извршителите кои работеле на засегнатиот сектор и истата е процесирана од релевантните одделенија, служби и институции, кои понатаму постапуваат по пријавениот настан, согласно постоечки правни процедури. Никогаш не станувало случај за заташкување на настани.
Прогласувањето на овој настан за ‘сериозен инцидент’, без притоа да се проверат фактите не оди во насока на правично и вистинито расветлување на случајот. Напоменуваме дека Flightradar24 не е релевантна алатка за давање на точна позиција во реално време и како таква не треба да се користи за извлекување на заклучоци“, соопштија од ЗКЛМ.
Од таму ги повикуваат медиумите кои известуваат за овој настан да го одржуваат нивото на новинарски интегритет и објективно известување, да го почитуваат текот на истрагата според пропишаните норми и пракси во воздухопловството пред да објавуваат за вакви чувствителни теми, како и воздржување од давање на паушални коментари сѐ до добивање на официјални и финални резултати.