На иницијатива на Владата и премиерот Димитар Ковачевски беше организиран чартер лет, кој беше покриен од резервите на Буџетот на Република Северна Македонија за евакуирање на преостанатите македонски граѓани кои побараа помош за излез од Израел.
Бесплатниот чартер лет за сите патници кои патуваа на релација Тел Авив – Скопје беше реализиран во соработка со „Air Serbia“, и тоа во услови на откажани летови и целосно блокиран авионски сообраќај од и кон Израел. о оглед на тековните борбени активности во повеќе подрачја во Израел изминатата недела, претходните обиди за обезбедување на лет од Тел Авив не вродија со резултат, имајќи предвид дека ниту една компанија од регионот не беше во можност да обезбеди сигурен и безбеден лет и да одговори на барањата на Владата на Република Северна Македонија.
Чартер летот беше организиран по напорите на премиерот Димитар Ковачевски во директен контакт со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ да се најде решение за предизвикот и за извлекување на граѓаните од регионот.
Со чартер летот, освен преостанатите 67 македонски државјани, Владата на Северна Македонија излезе во пресрет и обезбеди трансфер и на седум албански, седум црногорски и тројца бугарски државјани.