Германија и САД ќе ја следат Франција и ќе испратат оклопни борбени возила во Украина.
Киев со месеци бараше тенкови од западните сојузници и иако овие возила се помалку моќни, одлуката за нивно испраќање претставува нов момент во повеќе од десетмесечната војна. Украина ја опиша одлуката како голема победа.
Откако францускиот претседател Макрон потврди дека ќе испрати лесни борбени тенкови „AMX-10 RC“, и германскиот канцелар Олаф Шолц и американскиот претседател Џо Бајден денеска се согласија да ја снабдат украинската војска со оклопни возила. Шолц досега истакнуваше дека Германија никогаш нема сама да донесе ваква одлука.
Западните сојузници досега одбиваа да испратат ваква воена опрема и место тоа, Германија склучи договор со Словачка, Чешка, Словенија и Грција, кои требаше да добијат помодерна германска опрема во замена за испраќање стари советски тенкови во Украина.
Бајден денеска ќе соопшти дека Украина ќе добие 50 борбени возила „бредли“, додека Германија до март ќе испрати 40 борбени возила од типот „мардер“, како и противвоздушен ракетен систем „патриот“.