По евакуацијата на жителите, пожарот во Атика ставен под контрола

by fokus

Грчката противпожарна служба  успеа да го стави под контрола големиот пожар во областа Саронида, во источниот дел на регионот Атика, на околу 50 километри од центарот на Атина, а огнените јазици предизвикаа материјална штета на дворови и делови од куќите што се наоѓаат во близина, jави дописничката на МИА од Атина.

Пожарот избувна во област што не е густо населена, но дел од куќите беа во опасност и затоа со одлука на противпожарната служба се евакуираа граѓаните.

Од надлежната општина, преку Фејбук упатија апел до жителите што се во близина да ги напуштат домовите, а добиле и порака за евакуација од бројот за итни случаи 112.

Во справувањето со огнените јазици учествуваа 42 пожарникари со 19 возила и четири хеликоптери од кои еден е за координација, а силниот ветер дополнително го отежнуваше гаснењето на пожарот.

Паралелно, под контрола е ставен и шумскиот пожарот во областа Илиас, во западниот дел на Пелопонез, каде што интервенираа 60 пожарникари со 20 возила, две пешадиски единици, два авиони, еден хеликоптер и четири цистерни од општината.

Од противпожарната служба на Грција соопштуваат дека во делот каде што изби пожарот, 57-годишен маж ја загубил свеста веројатно од патолошки причини и веднаш бил пренесен во болница каде што и починал. Од судската медицина, се очекува да ги утврдат точните причини за смртта.

Поврзани новости