Грчката противпожарна служба успеа да го стави под контрола големиот пожар во областа Саронида, во источниот дел на регионот Атика, на околу 50 километри од центарот на Атина, а огнените јазици предизвикаа материјална штета на дворови и делови од куќите што се наоѓаат во близина, jави дописничката на МИА од Атина.
Пожарот избувна во област што не е густо населена, но дел од куќите беа во опасност и затоа со одлука на противпожарната служба се евакуираа граѓаните.
Од надлежната општина, преку Фејбук упатија апел до жителите што се во близина да ги напуштат домовите, а добиле и порака за евакуација од бројот за итни случаи 112.
Во справувањето со огнените јазици учествуваа 42 пожарникари со 19 возила и четири хеликоптери од кои еден е за координација, а силниот ветер дополнително го отежнуваше гаснењето на пожарот.
Паралелно, под контрола е ставен и шумскиот пожарот во областа Илиас, во западниот дел на Пелопонез, каде што интервенираа 60 пожарникари со 20 возила, две пешадиски единици, два авиони, еден хеликоптер и четири цистерни од општината.
Од противпожарната служба на Грција соопштуваат дека во делот каде што изби пожарот, 57-годишен маж ја загубил свеста веројатно од патолошки причини и веднаш бил пренесен во болница каде што и починал. Од судската медицина, се очекува да ги утврдат точните причини за смртта.