Чешката тенисерка Рената Ворачова доби ист третман како Новак Ѓоковиќ и денеска беше преместена во имиграцискиот хотел во Мелбурн, но за разлика од светскиот рекет број еден, таа се соочи со ваков шок откако една седмица непречено престојуваше во Мелбурн и дури одигра еден меч.
Чешка испрати протестна нота до Австралија барајќи од властите во земјата да објаснат зошто ја депортираат тенисерката Ворачова, која од декември е во Австралија со ист исклучок како Новак Ѓоковиќ и веќе одигра еден подготвителен натпревар во таа земја пред „Австралија опен“.
-Можеме да потврдиме дека чешката тенисерка Рената Ворачова е во истиот хотел со Ѓоковиќ заедно со уште неколку тенисери во Мелбурн. Според нашите информации, таа докажала дека не е заразна на начин што и дава право да учествува на турнирот ‘Австралија опен’. Затоа испративме протестна нота преку амбасадата во Канбера и бараме објаснување, изјави Анета Коварзова од прес-секторот на чешкото Министерство за надворешни работи за чешкиот портал Ехо24
Ворачова е свесна дека се води политички прогон во Австралија и дека таа е жртва на ситуацијата која настана со Србинот, но само за споредба, таа не планира да презема никакви мерки и жалби и ќе го напушти Мелбурн со првиот лет.
– Не можам да сфатам зошто дојдоа да ми ја укинат визата после една седмица. Тоа што важеше до вчера, сега не важи. Не се однесуваа грубо и вулгарно, но некои работи не беа пријатни. Се чувсвтувам како во затвор во хотелот, но најлошо беше кога ми соопштија дека ми е укината визата.
– Од една страна, ова ми се случи поради Новак, а нема да бидам ниту единствена. Медицинските исклучоци и ослобдувања се дадени на повеќе играчи, а сега ќе има пресврти. Истовремено, му посакувам на Новак среќа и сакам да игра на Австралија Опен. Се надевам дека ќе добие на суд во понеделник, но кога е во прашање мојот случај, јас се повлекувам. Не сакам да губам време поради политичката војна која се води во Австралија и си одам од тука. Федералните власти најдоа дупка во законите на државата Викторија, а сега адвокатите на Ѓоковиќ ќе се обидат да пронајдат дупки во федералните закони, – гласи изјавата на Ворачова за чешките медиуми.