По две сообраќајки и развод со жената која ја сакам, се вратив на сцената: Неготинскиот рапер во Америка со живот како филм!

by Fokus

Ме немаше на американската рап сцена одреден период, бидејќи ми се случија многу настани. Како феникс се издигнав над се, и сега се враќам посилен и помотивирен, а веќе снимив и нова песна која наскоро ќе биде промовирана на музичките платформи. Станува збор за дует со популарниот рапер Ke Millie, песната се вика ,,One day”, а најавата за неа веќе е објавена на Јутјуб, за ,,Фокус” раскажува неготинецот Александар Петров, познат како раперот Вукац МЦ, кој околу седум години живее во Америка.

Вели дека е восхитен сум што остварил соработка со еден толку успешен артист, кој имал милионски прегледи на неговите видеа, и можел да каже дека конечно животот му тргнал по угорна линија.

- Advertisements -

-Како што е најавено во ,,One day”, од Македонија до улиците на Њујорк, секоја борба ја засилува мојата мотивација. ,,Еден ден” не е само песна – тоа е мојот пат, со рефренот што вели ,,Знам дека еден ден ќе бидам богат”, вели Вукац МЦ, кој во своите младешки денови, додека живееше во Неготино, се обидуваше да изгради кариера на рап сцената. Во тој период тој сними десетина песни, но откако сфатил дека за да успее на домашната сцена му е потребна голема финансиска поддршка, се откажал од сонот.

Неговата животна приказна, вели дека е како американски филм. За ,,Фокус” раскажува дека во Америка заминал случајно, откако неговата сопруга Даниела била извлечена на Лотарија за зелена карта пред околу седум години. Заедно се преселиле во посакуваната земја, тој започнал да вози камион, а истовремено и да учествува на разни онлајн музички натпревари.

Во Чикаго дошле на 4-ти јуни, на Денот на независноста на САД, во 2018 година. Откри дека она кое се трудел да го постигне во Македонија цели десет години, во Америка го остварил за помалку од три години, снимил неколку песни, а беше и еден од финалистите на познатото музичко шоу Лилит.

Сега пак, раскажува дека токму во периодот кога помислил дека животот му се средил, му се случиле две тешки сообраќајни несреќи, а од последната, кога возило удрило во неговиот камион, завршил со сериозни повреди на грбот и не бил во состојба подолго време да работи.

-Долго време по сообраќајките не работев поради проблемите со грбот, не бев во можност да заработувам, се натрупаа финансиските проблеми додека чекав адвокатот да успее да наплати отштета. Сето тоа влијаеше на нашиот брак, кој за жал заврши со развод. Мојата сопруга си замина кај нејзиниот брат.

Тежок период, и самиот не знам како возачот кој удри директно во мене остана жив, ги гледам фотографиите од страшната сообраќајка и си велам дека тој имал среќа како ретко кој на овој свет.

Јас сега повторно почнав да возам камион, дури и живеам во камионот, ми се подобри состојбата. Не се жалам, постојано добивам идеи за нови музички материјали, сето ова кое ми се случи ме инспирираше.

Ете, по лошиот период и мене ми се насмевна среќата. Освен соработката со Ke Millie, започнав соработка и со други артисти, влегов во студио, работам на новите материјали.

По дождот дојде и сонцето, и во мене уште постои надеж дека можеби и со сопругата ќе се среди целата ситуација, бидејќи ние имавме голема љубов, таа ме сакаше, а и јас нејзе уште ја сакам.

Животот пишува романи, ете мојот е баш како сценарио за филм, и со верба во подобра иднина одам напред, вели Вукац.

На македонската рап сцена, тој ја промовираше првата песна во 2008 година. Раскажа дека со многу труд се обидувал да успее на нашата естрада, а по десеттина години борба за успех, се повлекол.

Додава дека желбата за рап кариера никогаш не го напуштила, и порача сите да си ги следат соништата и да веруваат во себе.

Вики Клинчарова

Поврзани новости