По две КОВИД-години, првиот академски час на УКИМ со физичко присуство

by fokus

Почетокот на новата студиска 2022/2023 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје вечерва беше одбележан на Машинскиот факултет со прв академски час кој, првпат по две години, се одржа со физичко присуство.

– По две години пауза поради КОВИД-пандемијата, физички се собравме на свечен час за новата генерација на УКИМ. Ниту една дигитална алатка и платформи, без кои не можевме да функционираме во изминатиот период, не може во виртуелниот простор да ја долови оваа прекрасна и трпеливо чекана атмосфера, рече ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски.

Машинскиот факултет денеска ги прими бруцошите од 64-тата генерација. На свечениот прв час присуствуваа и дипломираните на додипломски и на постдипломски студии на овој факултет од 2019, 2020 и 2021 година.

Ректорот им посака добредојде на новите студенти, а на дипломираните – успешна кариера.

-Ви посакувам срдечно добредојде на најстариот, најдобриот и најголемиот универзитет во нашата држава. Од денес свечено му припаѓате на УКИМ, а тоа е чест, но и голема обврска, затоа што знаењето, науката, талентот, креативноста и квалитетот се основни постулати во неговото работење… Ви посакувам низ студирањето да ве следат истрајноста, знаењето и желбата за ваш личен напредок и развој. Работете вредно, посветете им се максимално на студиите, соработувајте со вашите професори, соработувајте и меѓусебно, посветете се на вашата утрешнина, порача Јанкуловски.

Формиран во 1949 година со три факултети, УКИМ денес, рече тој, е заедница од 23 факултети, пет научни институти и четири јавни научни установи, како и придружни членки.

Деканот Дарко Данев соопшти дека за новата учебна година на Машинскиот факултет досега се запишани 189 нови студенти. Првиот час, рече, е и прв чекор да станат инженери и дека факултетот можеби ќе им стане и прв дом.

-За да го завршите факултетот, за да магистрирате, за да бидете способни да се изборите во животот со сите проблеми и предизвици потребно е да ги имате двете основни оружја кои се одлика на сите инженери – логиката и имагинацијата, истакна Данев.

Покрај добредојде за бруцошите, факултетот, рече тој, ги испраќа и тие што дипломирале во изминатите три години „опремени со знаења и способности да го освојуваат својот простор во светот на машинството“. Им посака остварување на нивните соништа, а најмногу од сè, како што рече, посакува да се овозможат услови тие да останат во државава.

Новата академска 2022/2023 година ќе почне в понеделник, 3 октомври, кога на сите факултети на Скопскиот универзитет ќе бидат организирани први академски часови.

Поврзани новости