Жан Железарски, еден од осудените за случајот „Детонатор“ е уапсен во Косово, дознава „Фокус“ од доброупатени извори. Информацијата ни ја потврдија и од МВР, од каде што додаваат дека Железарски сега треба да биде екстрадиран од Косово.
За овој бегалец беше распишана меѓународна потерница откако избега во 2019 година, кога не се врати во затвор по добиено отсуство.
Според потерницата објавена на сајтот на МВР, Железарски се бараше со наредба ПК бр.2/18 издадена од Основен суд Кочани за сторени кривични дела по чл.394 ,чл.386 и чл.123 вв со чл.19 од КЗ на РСМ за издржување на казна затвор од 14 години.
Во 2013 година, во Кривичниот суд, 15-те обвинети во „Детонатор“ беа осудени од една година и три месеци до доживотен затвор. Нив им се судеше за: злосторничко здружување, обид за убиство, измама, лихварство, недозволено држење на оружје, непријавување и подготвување на кривично дело. Од нив, според обвинителството, шестмина се организатори, а останатите се припадници на злосторничка група која што правела криминал во источна Македонија, од Кочани до Виница. Наврзо, Апелациониот суд Скопје делумно ја потврди пресудата на Основниот суд Скопје 1, единствено преиначувајќи ја во делот за казните за обвинетите Сашко Стојчев, Жан Железарски, Горан Божиновски, Далибор Алексовски и Симеон Михаилов. Со одлуката Апелациониот суд, всушност на овие обвинети им беа намалени казните за 6 месеци.
Полициска акција „Детонатор“ што се одвиваше во неколку градови во источниот дел на Македонија резултираше со 13 разрешени полициски началници и командири, запленети 1000 покер апарати и решетки за 14 лица. Заплената на покер апарати остана надвор од овој судски процес.
В.В.