Хрватската музичка ѕвезда Северина денес е актуелна во регионалните медиуми, откако синоќа при обид за влез во Србија, каде имала договорен настап на прослава по повод 18-ти роденден, била повикана на информативен разговор со царинските службеници на граница.
Иако станувало збор за процедура која не е невообичаена, да се изврши разговор со лицата кои влегуваат во Србија, и иако и бил одобрен влез во земјата, таа самоиницијативно се вратила назад во Хрватска.
Денес пејачката јавно се огласи и порача дека цариниците ја испитувале како да е ситен шверцер, па затоа и не влегла во Србија, туку револтирано се вратила назад.
По повод случката се огласи дури и српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, кој изјави дека пејачката била задржана поради контрола, но во никој случај не и бил одбиен влез во земјата.
Овие настани се случуваат во пресрет на големиот концерт на Северина во Крива Паланка, кој треба да се одржи во среда, на 28-ми август, но како што појаснува за ,,Фокус” градоначалникот Сашко Митовски, нема да имаат никакво влијание врз доаѓањето на пејачката во земјава, бидејќи таа веќе купила авионски билет.
-Немилата ситуација за која се пишува денес во регионот нема да има влијание врз доаѓањето на Северина во Крива Паланка. Таа веќе има резревација на авионскиот билет и ќе дојде во среда, околу 16 часот би требало да е пристигната во Крива Паланка. Ќе биде сместена во Парк Гиновци, се подготвено за нејзиното доаѓање. Немаше некои посебни барања, се е вообичаено како и кај други музички ѕвезди кои ни гостувале.
Ние како добри домаќини ќе се погрижиме таа ја почувствува гостопримливоста на нашиот народ. Нејзиниот бенд треба да пристигне еден ден пред неа, односно музичарите ќе бидат во Паланка утре. Концертот ќе се одржи и ќе биде спектакуларен, вели градоначалникот.
Додава дека од Хрватска треба да дојде и младиот музичар Давид Темелков, кој исто така ќе настапи пред публиката во Крива Паланка.
Општината деновиве празнува со голем број на забавни настани и познати музичари во склоп на манифестацијата ,,Кривопаланечко културно лето” и ,,Крива Паланка – град на културата за 2024 година”.
Вики Клинчарова