По долга пауза, Росана ќе пее за Нова година: Се случија многу работи, но добрите спомени никој не може да ни ги одземе!

by Fokus

Музичката дива Росана Сариќ-Тодоровска, која изминатиот период полека им се враќа на настапите, по долга пауза повторно ќе пее за време на новогодишниот дочек. Нејзиниот настап ќе се случува во хотелскиот комплекс Вердисо во Демир Капија, а Росана ќе застане на сцената заедно со Дац и Александар, Билјана Ѓошева и диџеј Миле Ѓуриќ.

Росана која е симбол за скромност и квалитет на естрадата, а која владееше на сцената пред неколку децении во дует со сестра и Маријана, за „Фокус“ вели дека се радува на дружењето со публиката за време на новогодишниот дочек. Појаснува дека Дац и Александар успеале да ја убедат да запее, и ова ќе биде нејзин новогодишен настап по пауза од околу седум години.

-За Нова Година, после можеби некои седум години повторно ќе пеам по убедување од Александар и Дац кои се врвни професионалци. Сигурна сум дека ќе биде ноќ за паметење, вели Росана, која периодов имаше неколку настапи во живо во локали во Скопје заедно со Дац и Александар, а истите поминаа со одлични критики од публиката.

Таа е секогаш добредојдена пред публиката, а нејзиниот настап ги враќа спомените на минатите времиња, со звуците на многубројните евергрини кои ги остави зад себе. Околу тоа по што ќе ја памети годината која изминува, Росана вели дека животот со една рака дава, а со друга зема, затоа човек мора да научи да се справува и со добро и со лошо.

-Секојдневно животот носи и убави и лоши работи, а ние сме тие кои се справуваме со истите. Се на се, оваа година која еве веќе изминува во нашиот дом имаше и убави и лоши моменти. Убавите моменти секогаш се заедно со нашите внуци Ноах и Матео, а Матео веќе наполни во ноември една година. За жал, лош момент е тоа што не напушти еден од најдобрите композитори на нашите простори, композитор кој за нас ги напиша најубавите евергрини кои се пеат и ќе се пеат, Тоде Новачевски… За жал некои работи во животот не можеме да ги смениме и затоа за добрите, блиски наши луѓе остануваат спомени кои никој не може да ни ги одземе – вели Росана.

Додава дека сега, пред крајот на годината имале уште еден лош момент, бидејќи нејзиниот татко ја повредил ногата и имал операција, па му следел долг период на рехабилитација. Росана која е многу блиска со родителите, и која е единствена нивна потпора, бидејќи сестра и Маријана живее во Австралија, а го изгубија братот пред неколку години, вели дека дава се од себе за да нејзините родители имаат добра старост исполнета со внимание и грижа.

-Еве, тоа е уште еден лош момент со повредата на татко ми. Неговата рехабилитација е процес за кој мора упорност и време, и не е баш така лесно. Се на се, некако се обидуваме да ги потиснеме лошите моменти, а добрите да ги живееме- изјави Сариќ- Тодоровска.

Вики Клинчарова

Поврзани новости