По долга пауза Брејк се врати со моќна балада!

by fokus

Ова не е песна, ова не се пее, ова не е шега, ова не те смее, листови кинам, ама тешко да ја избришам, оваа песна не знаев да ја напишам – ова се стиховите на новата балада кои денес одекнаа во етерот, а кои веројатно ќе се слушаат со генерации, впрочем, како и речиси сите музички дела на авторот.

Поранешниот музичар, а денес бизнисмен, Дарко Гелев Брејк, се враќа на музичката сцена со нова песна.
Од денес на музичкиот канал Јутјуб е прикачена неговата нова нумера ,,Оваа песна не знаев да ја напишам” за која е снимен и видео запис.

Музиката и аранжманот се на Никола Перевски Пере од Нокаут, текстот е на Игор Џамбазов, Никола Перевски и на Брејк.

Спотот пак, е снимен во Драмски театар Скопје, и зад него стои продукцијата на 3D Project Studio.

Иако подолг период не беше музички активен, Брејк минатата година гостуваше на концертот на Нокаут, каде беше еуфорично дочекан од публиката.
Неговите хитови „И после сè“, „Болиш“,„ Во бестрага“, „Само ти” и други, се уште се слушаат, но и се обработуваат од негови колеги.

И ,,Оваа песна не знаев да ја напишам” е моќна балада која доаѓа како големо освежување на нашата музичка сцена, со емотивен текст и во препознатливиот стил на Гелев, како и на соработниците Перевски и Џамбазов.

Вики Клинчарова

Поврзани новости