По долга пауза Алка Вуица доаѓа во Охрид!

by Fokus

Популарната хрватска пејачка Алка Вуица (62) доаѓа во Охрид и ќе биде гостинка на јубилејното 30-то издание на фестивалот Охридски трубадури. Таа ќе настапи на Интернационалната вечер на втори септември, а покрај неа како музички гости се најавени и Дадо Топиќ, Гоца Тржан, Срѓан Марјановиќ и други.

Пејачката беше доста популарна на сцената во деведесеттите години, а лани ја прекина дискографската пауза од 16 години и сними песна за која аранжманот, миксот и мастерингот ги направи Тоше Поп Симонов.

Станува збор за нумерата „Не мислим више на тебе” за која пејачката раскажа дека била направена во осумдесеттите години, но останала заборавена во нејзините архиви.

-Случајно ја најдов песната и и ја испратив на Марија Мирковиќ (поранешна членка на „Фрајле”) која тогаш беше во Скопје. Таа ја напишала музиката, а Тоше се понудил да и помогне. Ова ми беше прва соработка со него, тој додаде етно елементи и посебна емоција на песната, која на крај излезе преубава балада – раскажуваше Вуица лани.

Пејачката е позната и по турбулентниот љубовен живот, беше во врска со Ади Караселимовиќ, тапанар на „Сребрена крила”, а ја поврзуваа и со Горан Бреговиќ и Бајага.
Големиот хит на Бајага „Са друге стране јастука” и е посветен нејзе.

Иако во Хрватска и во регионот е доста популарна и нејзините стари хитови се слушаат и кај нас, сепак ретко доаѓа во Македонија.

Во постаро интервју има изјавено дека Македонија ја асоцира на Калиопи и Влатко Стефановски, со кои била добра пријателка, но и на вкусна храна и добра забава.

Вики Клинчарова

Поврзани новости