Собранието на Република Македонија, се очекува вечерва да го избере составот на Државната изборна комисија (ДИК).
Во 19 часот, пак, треба да започне седницата на Комисијата за прашања на избори и именувањата која што треба да произлезе предлогот за членови на ДИК која треба да го спроведе есенскиот референдум за името. Членовите на ДИК ќе се бираат од листата од 40-ина кандидати што беа пријавени на конкурсот распишан од Собранието.
Ова ќе биде привремен состав на ДИК. Претседателот ќе биде од редот на опозицијата, а неговиот заменик на предлог на владејачката СДСМ.
Според предлог на партиите, се очекува членови на ДИК предложени од СДСМ да бидат Борис Кондарко, Јанакие Витановски и Радица Ристевска, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги предложи Оливер Дерковски кој истовремено треба да биде и претседател на Комисијата и Елизабета Постоловска. Свои членови во ДИК ќе имаат и ДУИ и, според информациите, заеднички кандидат Алијанса на Албанците и Беса.
Веднаш по одржувањето на оваа седница треба да почне пленарната седница за законите договорени на претпладневниот дел од денешната лидерска средба, како и за ДИК. Најавена беше и можност за донесување одлука за распишување на референдумот доколку се постигне договор, но на лидерската средба партиите имаа различни ставови во врска со референдумското прашање.