Фолк пејачката Соња Тарчуловска (44) по долга пауза, односно по девет години откако ја сними последната авторска песна, повторно и се враќа на фолк сцената. Таа објави фотографии од снимање на видео запис, и најави дека наскоро доаѓа нешто ново од неа на музичко поле.
Соња, која е сопруга на поранешниот пратеник Јохан Тарчуловски, беше доста актуелна на сцената кон крајот на деведесеттите и почетокот на 2000-те години. По потекло од Пробиштип, таа уште во рана младост започнала да настапува во локали. Најголема популарност доживеа кога во 2001 година сними обработки на грчки хитови, песните „Ден по ден“ и „Во бело“ и стана една од најбараните пејачки кај нас.
Ја нарекуваа македонска Цеца и во тој период имаше повеќе турнеји кај нашата дијаспора. Се омажи со Јохан во 2005 година, а набргу по раѓањето на нивната прва ќерка Мелани тој беше екстрадиран во Хаг, каде отслужи осум години затворска казна. Во времето додека нејзиниот сопруг беше во затвор, Соња сними неколку песни, помеѓу кои и „Ватрена“ која му ја посвети на Јохан, а во видео записот за неа се појави со голема тетоважа со неговото име. Кога беше ослободен пак, ја сними песната „Добредојде“.
Нејзината ќерка Мелани исто така ја започна својата музичка кариера и веќе настапи на неколку фестивали. Последниот настап го имаше на фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ во Штип, минатиот месец. Во постари интервјуа раскажуваше дека е посветена на семејството, но иако паузира од снимање на нови музички материјали, сепак кога-тогаш ќе и се врати на сцената.
Вики Клинчарова