По децениско чекање, неготинци добија затворен пазар со 90 тезги

by Fokus

Денес во Неготино свечено беше отворен првиот градски пазар од затворен тип, изграден со средства од општинскиот буџет во висина од околу 421.000 евра, односно 25.913,899 денари. Изградбата на затворениот пазар започна кон крајот на август лани, и истиот се изгради на местото на стариот пазар кој се состоеше само од поставени лимени тезги на отворено, во центарот на градот.

На отворањето на затворениот пазар во Неготино, покрај неготинскиот градоначалник д-р Горан Стојанов, присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа Златко Перински, како и бројни граѓани.

-Во рамките на посетата заедно со премиерот и министерот после децении чекање го отворивме новиот модерен и затворен градски пазар. изграден е со средства од буџетот на Општина Неготино во висина од 25.913.899 денари со вклучен ДДВ, со што граѓаните на располагање добија најсовремен градски пазар по највисоки стандарди со поставени метални тезги и обезбеден лесен и безбеден пристап до пазарот.

Целиот пазар е климатизиран, на почеток ќе работи во актуелните пазарни денови, вторник и четврток, а се разгледува и опцијата да работи во тек на цела недела, секако доколку за такво нешто има интерес и се постигне договор со тезгаџиите, за ,,Фокус” појаснува неготинскиот градоначалник.

Инаку, со години наназад неготинци апелираа да се изгради современ и затворен пазар, бидејќи пазарџиите беа принудени да работат на отворено, изложени на жештина во лето, а пак во зима на ниски температури, со производи изложени на руинирани тезги.

Новоизградениот пазар се простира на површина од 440 метри квадратни, и тоа по 220 од две страни, а поставени се 90 тезги. Објектот е предвидено да функционира со услужна намена – пазар, и е во сопственост на Општина Неготино.

Официјално, со работа ќе започне по една недела, по завршување на сите законски процедури околу стопанисувањето, а до тогаш, односно оваа недела пазарџиите се уште ќе ги продаваат своите производи на отворениот дел.

Вики Клинчарова

Поврзани новости