По децениските молби на граѓаните, Неготино конечно доби успорувачи на брзина на улицата каде се случија многу сообраќајки

by fokus

На главната улица ,,Маршал Тито” во Неготино денес се поставуваат успорувачи на брзина, нешто за кое граѓаните, посебно оние кои живеат во близина, со децении наназад молеа да биде приоритет.
Станува збор за два успорувачи, еден во близина на градската библиотека и друг во близина на музичкото училиште, но во близина се наоѓа и основно училиште, па на овој дел од улицата постојано има деца.

Додека работниците беа на терен, повеќе граѓани од околните дуќани го гледаа поставувањето на успорувачите и коментираа дека конечно и тоа го дочекале.

-Ете колку требало, неколку приколки асфалт. Со години се изнагледавме на сообраќајни несреќи на оваа улица, која посебно ноќе, за време на летните месеци е како писта за трки – коментираат неготници.

За поставувањето на успорувачите имаше голем број на апели, како од луѓето кои живеат во близина, така и од родители чии деца учат во основното училиште во близина.

Уште на почетокот на минатата година градоначалникот д-р Горан Стојанов за ,,Фокус” изјави дека се планира поставувањето на легнати полицајци на почетокот на пролетта, но тоа не се случи минатата пролет.
Во меѓувреме, минатото лето, на овој дел од улицата се случија десеттина сообраќајни несреќи, во кои со лесни, но и со тешки повреди завршија повеќе деца- пешаци, како и возрасни лица.
Имаше и повеќе сообраќајки помеѓу мопеди и автомобили, бидејќи ова е една од најфреквентните улици во градот.

Лани, во разговор за ,,Фокус” градоначалникот исто така информираше дека се планира изградба на кружен тек на излезот кон Кавадарци, како и кружен тек на раскрсницата во центарот, но за тој проект било потребно повеќе време, бидејќи тој дел се наоѓа под вода, затоа што таму минува неготинската река.

Како потсетување, Неготино го доби првиот кружен тек кон крајот на 2021 година, на излезот од градот, со радиус од 10 метри.
Тогаш од општината информираа дека тој проект изнесувал 7.775.839 денари, односно околу 126.000 евра, средства обезбедени од општинскиот буџетот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости