Екипи на ЈП Комуналец Неготино од утринава со багер и останата механизација го отстрануваат дивиот ,,остров” кој со децении стоеше и растеше на почетокот на градскиот кеј, во центарот на градот.
Токму поради овој ,,остров” од наноси од земја и ѓубре, при секој посилен летен дожд, се поплавуваше центарот на градот во тој дел, а жителите секоја година апелираа до локалните власти за негово отстранување.
По обилните дождови, редовна слика беа автомобили полни со вода и тиња, поплавени подруми и дуќани, а ,,Фокус” секоја година во овој период пишуваше за апелите на граѓаните, на кои надлежните институции остануваа глуви.
Денешната слика од работниците кои го отстрануваат наносот наиде на поздрав од неготинчани. Оние кои живеат или пак имаат деловни објекти во близина, а кои со децении сведочеа на лошата миризба која доаѓаше од тој дел на речното корито, но и на поплавите, велат дека дури се изненадени од она кое го затекнале утринава.
-Конечно, да се среди овој проблем на кој се укажува со децении! За да немаме повеќе поплави и собирање на вода во овој дел, чистењето на наносот ќе допринесе во огромна мера, но потребно е и поставување на сливници долж коловозот на улицата ,,Маршал Тито” бидејќи од она на кое сведочиме на секој обилен летен дожд, доаѓа многу вода и од градскиот плоштад. Истата се собира овде, а поплавените автомобили и околни објекти ни станаа летна традиција – велат граѓаните.
На темава ,,Фокус” минатата недела разговараше и со градоначалникот д-р Горан Стојанов. Тој појасни дека проблемот со наносот ќе биде решен, но се работи и на проект за санирање на дел од водоводната мрежа на слепа улица над почетокот на кејот, позната како ,,тунелчето” каде исто секоја година има проблеми поради дождовите.
-За работа која се завршува за неколку часа, не ни е јасно зошто се чекаше со децении, прашуваат граѓаните, кои не го кријат задоволството што конечно се започнало со конкретно решавање на децениските проблеми на кои постојано се укажуваше.
Вики Клинчарова