Два кружни тека и поставување на легнати полицајци, односно успорувачи на брзини пред Музичкото училиште, ќе добие Неготино, по децениските апели на граѓаните да се преземат мерки за зголемување на безбедноста на сообраќајот во градот.
Градоначалникот д-р Горан Стојанов за ,,Фокус” вели дека веќе се работи на проектите, и најдоцна до крајот на годината ќе биде изграден кружен тек на излезот од градот, во насока кон Кавадарци.
Потоа, до крајот на наредната година би требало да биде завршен и кружниот тек во центарот на градот, на местото каде со децении стојат семафорите кои проработија единствено неколку месеци, се до големата поплава во градот во 1995 година. Тогаш дојде до дефект кај семафорите, кој беше отстранет дури во 2012 година, но за кратко. Цели десет години тие не се функција.
-Изградбата на кружен тек на излезот кон Кавадарци треба да се одвива побргу, и планираме до крајот на годината да биде завршена. За кружниот тек пак, кој е планиран на раскрсницата во центарот на градот, потребно е повеќе време за да се изготват сите потребни студии, бидејќи тој дел се наоѓа под вода, односно таму минува неготинската река. До крајот на 2023 година би требало и тој проект да биде завршен – вели д-р Стојанов.
За поставувањето на легнати полицајци на улицата ,,Маршал Тито”, пред музичкото училиште, во чија близина е и Основното училиште ,,Страшо Пинџур”, односно на оној дел каде учениците најчесто ја преминуваат улицата, вели дека успорувачите на брзина ќе бидат поставени наскоро.
Станува збор за улица која е од најфреквентните во градот, а навечер, посебно во топлите месеци чести се ноќните трки на мотори и автомобили, за кои граѓаните редовно реагираат и бараат решение од надлежните служби.
-Сериозно сме посветени кон решавањето на сообраќајните проблеми. Мора да се работи на зголемување на безбедноста на пешаците, како и на сите учесници во сообраќајот, и овие проекти ќе бидат од корист за сите. Мора да се работи на надминување на сообраќајниот хаос – изјави градоначалникот.
За брзото возење, посебно ноќе низ центарот на градот ,,Фокус” пишува во повеќе наврати. Жители на улиците ,,Маршал Тито” и ,,Партизанска” пред чии очи се случува ноќното дивеење на несовесни возачи редовно апелираат со години наназад да се реши проблемот со поставување на успорувачи на брзина, како и со редовно патролирање на полициски службеници во тек на ноќните часови, посебно на пролет и во лето, кога се раздвижени мотоциклите.
Како потсетување, Неготино го доби првиот кружен тек на излезот од градот кон крајот на минатата година. Се работи за кружен тек со радиус од 10 метри. Изградбата започна лани во август, а целосно беше завршена во декември. Во меѓувреме, бидејќи не беше поставена соодветна сигнализација, се случија повеќе сообраќајни незгоди, кога автомобили возеа право преку кружниот тек.
Од општината информираа дека вкупната вредност на проектот изнесува 7.775.839 денари, средства обезбедени од општинскиот буџетот.
Вики Клинчарова