После децении чекање, жителите на Општина Неготино ќе добијат нов и најсовремен затворен градски пазар, информира неготинскиот градоначалник д-р Горан Стојанов.
Од утре, поради започнување на работните активности, постоечките штандови ќе бидат преместени на паркинг просторот веднаш до сегашниот пазар, а како што појаснува градоначалникот, новиот пазар би бил целосно изграден и пуштен во функција за околу триипол месеци.
-Неготинци со децении чекаа на изградба на затворен и модерен пазар, и официјално стартуваат активностите за изградба на новиот пазар на местото каде што е и локацијата на постоечкиот.
Станува збор за затворен пазар, ќе бидат поставени нови и современи метални тезги, ќе биде обезбеден полесен и безбеден пристап до пазарот, предвидена е изградба на тоалети, како и пристапност за лицата кои користат помагала за движење.
Во новиот, затворен пазар, ќе се продаваат само земјоделски производи, за разлика од сегашниот, каде имаше и штандови со текстил и други производи, имаме и проект за паркинг, значи, градот добива еднен современ простор изграден по највисоки стандарди, вели д-р Стојанов.
Средствата за изградба на градскиот пазар се во висина од 20 милиони денари, односно околу 325 илјади евра и се обезбедени од општинскиот буџет.
Вики Клинчарова