По четири децении пејачката доаѓа во Кавадарци: Ако не беше љубоморниот сопруг на Спаса, ќе ја немавме ни Брена!

by fokus

Фолк пејачката Лепа Брена е најавена како главна музичка ѕвезда на Тиквешки гроздобер, манифестација која ќе се одржи во Кавадарци од седми до десетти септември.
Покрај неа, ќе настапат и Халид Бешлиќ, Дарко Лазиќ, Хурикејн, како и повеќе домашни изведувачи.

Повозрасните кавадарчани се сеќаваат на концертот на Лепа Брена, кој се одржа кон средината на осумдесеттите години на минатиот век, на фудбалскиот стадион во градот. Тогаш Брена беше најголема музичка атракција во Југославија, и нејзиното доаѓање во Кавадарци беше настан за кој долго се зборуваше.

Во тој период пејачката беше во своите рани дваесетти години и пееше со групата ,,Слатки грех”, која на почеток настапуваше како ,,Лира-шоу”. Пред Брена да стане вокалистка на ,,Лира –шоу” со нив настапувала фолк пејачката Спаса, но нејзиниот сопруг кој бил боксер бил многу љубоморен, и не сакал таа да се занимава со пеење.

-Поради љубоморниот сопруг, Спаса си замина од групата, и бевме во потрага по нова пејачка. Дојде тогаш 19-годишната Фахрета, и на почеток бев скептичен во врска со неа. Кога на крај се согласив таа да ни стане вокалистка, го променивме името на бендот во ,,Слатки грех” во 1981 година, а Фахрета стана Брена. Водителот Минимакс на името Брена го додаде и Лепа, се друго е историја – своевремено раскажуваше фронтменот на ,,Слатки грех”, Саша Поповиќ.

Да не бил настанот со Спаса, музичкиот пат на Брена сигурно ќе се движел во поинаква насока. Со својот темперамент и харизма таа му донесе огромна популарност и на бендот, со продадени над 40 милиони албуми, концерти низ цела Југославија, но и во други земји. Во екот на популарноста, имале и по 300 концерти годишно.

Денес, во својата 62-ра година, пејачката се уште има редовни настапи во регионот, и е позната по интересната кореографија и сценографија за време на концертите.

За манифестацијата Тиквешки гроздобер предвидени се околу 172.000 евра, од кои околу 86.000 евра ќе бидат издвоени од општинскиот буџет, а останатите ќе бидат обезбедени од спонзори.
Лани во Кавадарци првин беше најавен концерт на Јелена Карлеуша за време на гроздоберот, но поради бурни реакции на граѓаните, кои процениле дека таа не е соодветна личност за манифестацијата, наместо неа гостуваше Горан Бреговиќ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости