Корун Кукуловски (54) од Ресен, пет години вработен во Јавното претпријатие Национални шуми, конечно ќе замине на лекување, откако пред дваесеттина дена јавно се огласи во ,,Фокус” и апелираше за помош од државата.
Неговиот случај, како што самиот раскажа е такаречи – бизарен. Има дијагноза рак на простата, но не можел да се лекува, а и да се оперира, бидејќи претпријатието во кое работел не платило придонеси, здравствено и пензиско осигурување за изминатите месеци, па сите врати во здравството му се затвориле.
Бараше законско решение за неговиот проблем, бидејќи болеста не може да чека да се средуваат проблеми во фирмата, а неговата сторија наиде на голем одзив во јавноста. Илјадници споделувања на социјалните мрежи, коментари со поддршка и бурни реакции по повод ситуацијата во која не по своја вина се нашол човекот, работник кој чесно си го заработувал парчето леб.
Денес, во разговор за ,,Фокус” Корун вели дека веднаш по објавата на текстот, пред околу три недели, надлежните се растрчале да најдат решение.
-Во вторник заминувам на снимање на клиниката во Скопје, и најверојатно во среда ќе бидам опериран. Жално е што требаше да излезам вака јавно, преку медиуми да барам помош, но благодарен сум што конечно се најде решение и што ќе добијам можност да се лекувам.
Директорот во подружницата во Ресен, Томе Веловски, кој беше запознат со мојата состојба и кој чекаше решението да дојде од повисоките институции, од Скопје, сепак успеа да ми помогне. Според закон, дозволено било да имам десет работни часови и во друга фирма, покрај ЈП Национални шуми, па така сега сум вработен на десет часа и во друга, приватна компанија. Тоа беше излезот, само така ќе можам да ја добијам потребната здравствена услуга од која зависи мојот живот, раскажува ресенчанецот.
Како што појаснуваше пред дваесеттина дена, додека апелираше за решение, и други негови колеги биле во слични ситуации, бидејќи не можеле да се лекуваат, затоа што претпријатието не им ги платило придонесите. Тој дури и бил во Фондот за осигурување, каде се понудил самиот да си ја плати операцијата, која изнесувала околу пет илјади евра, но му било кажано дека не може.
Јавно порача институцијата која е надлежна за неговиот случај да го контактира, бидејќи самиот веќе не знаел каде да се обрати и прашуваше како може во една држава да се дозволи таков третман на работникот.
Денес, вели дека сите пораки полни со поддршка кои ги добил од јавноста многу му значат и дека нема зборови со кои може да ја опише благодарноста. Порачува дека солидарноста на народот е од големо морално значење во вакви ситуации, но сепак не смее да се дозволи во иднина во државата да се случуваат вакви пропусти, на сметка на чесните работници.
Вики Клинчарова