По брзата реакција на противпожарната единица, нема повредени штитеници во пожарот во кавадаречкиот дом за стари лица

by Fokus

Сите штитеници во Домот за стари лица Д-р Јанески, лоциран во село Чемерско, на околу 24 километри од Кавадарци се добри, нема повредени лица, и се уште трае нивната евакуација. Тие моментално се носат во кавадаречката болница на преглед, а како што изјавија за ,,Фокус” од управата на домот, на време бил забележан пожарот и навреме се реагирало.

-Вработени во домот го забележале пожарот, од кој е оштетен средишниот дел од кровот. Се уште не можеме да зборуваме за проценка на штета, ниту пак за причина за пожарот, најважно е што сите станари се добро.

Се носат на преглед во болница, бидејќи таква е процедурата. Првиот и вториот кат се недопрени, значи можат да функционираат без проблем, на санација на штетата на покривот ќе се работи наредниот период и веруваме дека за неколку дена се ќе биде во ред, велат од домот Д-р Јанески.

Додаваат дека се благодарни на ТППЕ Кавадарци, чии екипи пристигнале по околу 45 минути од пријавата, иако домот се наоѓа надвор од градот. Веднаш дошле и полициски екипи, како и екипи на итната медицинска служба.

Инаку, ПУСЗ Дом Д-р Јанески е лиценцирана приватна установа за социјална заштита за нега и грижа на стари лица.

Вики Клинчарова

Поврзани новости