По само три дена откако во Неготино на 61-годишна жена и беше одземена чантата од лице со фантомка, среде улица околу 21 часот, службеници од ОВР Неготино успеале да им влезат во траг на сторителите и ги лишиле од слобода.
Лицето со фантомка е 19-годишниот Д.Ѓ., кој ја одзел ташната на жената и му ја подал на неговиот соучесник, 21-годишниот К.Р., а потоа побегнале. Соучесникот не бил маскиран, а по приведувањето тие го признале делото.
Настанот за „Фокус” го потврдија од СВР Велес.
-Денеска (10.08.2023), полициски службеници од ОВР Неготино ги лишиле од слобода К.Р.(21) и Д.Ѓ.(19), двајцата од Неготино. Тие се сомничат дека на 07.08.2023 на улица „Цандо Кожинков“ во Неготино и одзеле чанта на Л.Н. (61) од Неготино. Во службен разговор во полициска станица тие го признале делото. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава – соопштија од СВР Велес.
Настанот со крадецот со фантомка кој ограбил жена ги вознемири неготинчани. На социјалните мрежи бараа итна реакција од полицијата, плашејќи се за својата безбедност.
Вики Клинчарова