Кавадаречкото село Ваташа добива асфалт по барање на жителите. Работните активности се во тек, а инвестицијата е во вредност од 480 илјади евра, средства кои се обезбедени од ЈП Државни патишта.
Пред три дена беше асфалтиран пристапот до новиот мост и проширувањето на патот после мостот на регионалниот пат кон Витачево. Првиот порамнителен слој на асфалт на површина од 1.390 метри квадратни во петокот го постави фирмата ,,Жикол” од Струмица, а се продолжува со работа на пристапот до новиот мост, односно на пристапниот и излезниот пат на самиот мост.
На крај ќе биде поставен и финиот слој, кога ќе се асфалтира коловозната површина на мостот. Ваташани се задоволни поради започнувањето на проектот со кој ќе се подобри безбедноста во сообраќајот. Долги години наназад апелирале до надлежните служби да се започне со асфалтирање и да им се реши проблемот со лошиот коловоз низ кој секојдневно минуваат голем број на возила кои патуваат кон останатите села во регионот.
Вики Клинчарова