Повикот на ЕВН Хоум на кој ЕСМ требаше да достави понуда по која цена ќе му продава струја на ЕВН е одложен.
Од ЕВН Хоум за „Фокус“ соопштија дека тендерот за понудите ќе биде на 28 ноември.
„Од технички причини на барање на некои од понудувачите, а со цел зголемување на конкуренцијата. На 27 ноември ќе биде тендерот за понудите на Електродистрибуција, а на 28 ноември за ЕВН Хоум“.
Цената на електричната енергија од 1 јануари ќе зависи најмногу од тоа каква цена државните електрани ќе понудат до Универзалниот снабдувач.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека големи промени нема да има во цената на електричната енергија. Ако евентуално дојде до поскапување, тоа ќе биде до три проценти. Мицкоски смета дека понудата од ЕСМ ќе се движи помеѓу 58 и 62 евра.
Ваквите очекувања, Мицкоски ги темели на постепената консолидација на ЕСМ што е направена во изминатите четири-пет месеци, состојбата со количините јаглен, набавката на природниот гас…
– Седум години ја ограбија ЕСМ и сега во четири-пет месеци направивме чудо да ја консолидираме компанијата за да не дојде до зголемување или ако дојде до тоа, да биде во рамки на два до три проценти.
Тоа е навистина успех кога една компанија, која во 2017 година имаше милијарда денари депозити во банки и околу 360-370 милиони на сметка, без долгови, а за седум години беше уништена и во периодот што следи јавноста ќе биде запознаена што се е правено, за помалку од четири месеци да ја консолидирате – на депонија да имате околу 200 до 250 илјади тони јаглен, се увезува јаглен по 10, 15, 20 отсто пониски цени, да договорите цена на природен гас која нема да биде берза плус 11 евра, туку берза плус четири евра, а по Нова Година очекувам и тоа да поевтини….
Кога ќе ги подготвите сите овие активности, тогаш доаѓаме до она што го говорам дека не очекувам да има зголемување од 10, 15 или 20 проценти како што е тоа случај во многу држави од регионот и Европа. Очекувам, ако има зголемување, тоа да биде незначително во рамки од еден до три проценти, рече Мицкоски кој очекува ЕСМ да биде целосно консолидирана на крајот на 2025 година или почетокот на 2026 година.
Но, ветувањето кое тој го даде веднаш по формирањето на новата Влада беше дека од јануари граѓаните и компаниите ќе добиваат поевтина електрична енергија. Тогаш тој најави дека во наредните шест месеци ќе се направат напори за реорганизиција на енергетскиот сектор и идната година граѓаните да добијат поевтини сметки за струја.
Првиот дел од ветувањето е исполнет, Мицкоски потврди дека ЕСМ е консолидирана, но цената на струјата наместо да се намали може да се зголеми.
Од Регулаторната комисија за „Фокус“ велат дека во овој момент се анализираат доставените барања на енергетските компании: Електродистрибуција, МЕПСО и МЕМО. Се очекува и исходот од тендерот за набавка на струја за покривање на загуби, по што ќе може РКЕ да донесе одлука за тарифите до крај на месецот – за мрежните оператори и оператор на пазар.
„Што се однесува до ЕСМ, потсетуваме дека РКЕ не ја регулира цената на државниот производител, туку истата се формира од страна на Владата на РСМ, како сопственик на оваа компанија. Потоа, согласно Законот за енергетика, АД ЕСМ конкурира на повикот на Универзалниот снабдувач – ЕВН ХОМЕ, кој ги снабдува домаќинствата и малите потрошувачи. Потоа Универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ ќе ја пресмета финалната цена на електрична енергија и ќе ја достави до РКЕ, која ќе го провери целиот процес и ако е согласно Методологијата истата ќе ја одобри или врати на доуредување“, соопштија од РКЕ.
Орце Костов