По Агатангел и свештеници од Неготино повикуваат во петок и сабота цел ден да се посетува храмот!

by Frosina Fakova

По јавното соопштение на Митрополитот Агатангел и Повардарската Епархија, со кое ги повикува верниците да одат во храмовите за време на верскиот празник Духовденска Задушница, и свештеници од Неготино ги повикаа верниците да доаѓаат во храмот Свети Атанасиј во Неготино, во петок и сабота, во тек на целиот ден.
-Почитувани верници!

Поради новонастанатата состојба и забраната да се посетуваат гробиштата, и да се избегнат масовни собири за Задушница сите вие кои сакате можете да направите молитвен помен за покојните во храмот Св Атанасиј – Неготино во петок и сабота цел ден.

Ве замолуваме да се почитуваат мерките препорачани од Владата на Република Македонија, и задолжително да се носат маски и да се држи дистанца – објави на својот социјален профил свештеникот Сараф Иванов.

Инаку, во храмот Свети Атанасиј во Неготино, кој беше реновиран пред околу три години, митрополитот Агатангел доби своја фреска, со висина од околу два метри и ширина од околу еден метар, со позлата.

Со реновирањето на црквата беше обновена фасадата, внатрешниот дел, и поставени нови фрески и иконостас. Истото беше финансирано од страна на Повардарската Епархија и донации од фирми и граѓани, па претпоставка на граѓаните беше дека поради тоа Агатангел добил своја фреска.

Од Кризниот штаб на Општина Неготино, по повод повикот на свештените лица потсетуваат дека мора да се почитуваат препораките на здравствените власти.

-Ставот на Општинскиот штаб за заштита и спасување е дека треба сите граѓани максимално да се придржуваме до препораките дадени од здравствените власти.
Истовремено, потсетуваме дека важечка е забраната за групирање на територијата на целата држава. Изразувам надеж дека претставниците на црквата ќе размислат околу повикот кој го имаат и дека ќе го променат мислењето.

Повикувам сите да се држат до мерките и максимално да ги почитуваме, со тоа се штитиме самите себе и ги штитиме другите – ни изјави Диме Витанов, командант на Општинскиот штаб и претседател на Советот.

Веста за повикот на свештениците во повардарието во време на пандемија и зголемен број на новоинфицирани и починати лица од Ковид – 19, наиде на остри реакции.
Министерот за здравство Венко Филипче јавно апелираше до Агатангел да го повлече апелот, верниците масовно да одат во храмовите за празникот, поради опасноста од ширење на заразата.

Велешкиот градоначалник Аце Коцевски пак, ги повика надлежните од Епархијата да ги почитуваат мерките кои ги носат државните органи. Исто така, тој порача дека МВР е должно да покрене соодветни санкции против тие кои не ги почитуваат законите и повикуваат и поттикнуваат на непочитување на законите и мерките.

Вики Клинчарова

Поврзани новости