Скопскиот Кривичен суд донесе пресуда во случајот „Маџар телеком“ против поранешните генерален и финансиски директор на „Македонски телеком“, Атила Сендреи и Ролф Плат, како и други две лица за злоупотреба на службената положба и склучување фиктивни договори за консултантски услуги со кипарски фирми.
„Основниот кривичен суд Скопје, денеска јавно ја објави првостепената пресуда за предметот со К.бр. 817/11 од обвинителството означен како „Маџар телеком“ против обвинетите А.И.С., Р.П. и З.К. на кои им се судеше во отсуство со оглед да не беа достапни за органите на прогон. Согласно пресудата, обвинетите се огласени за виновни за кривичното дело Несовесно работење во службата од чл. 353 – в ст.4 в.в. со ст.3 в.в. со ст. 1 од КЗ и се осудуваат на казни затвор од по 8 години за секој од обвинетите“ стои во соопштението на Кривичниот суд.
Оттаму информираат дека „со пресудата, обвинетите се задолжени солидарно да ја надоместат штетата од 67.407.760 денари на оштетената Репбулика Северна Македонија, како и судските трошоци за постапката“.
Обвинетите имаат право на жалба преку овој суд до Апелациониот суд Скопје.
Обвинетите склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин ги оштетиле Македонски телеком и Буџетот на државата.
Судењето почна во 2011 година, а потоа случајот го презеде Специјалното јавно обвинителство. Потоа, повторно предметот го презема ОЈО.