Кавадарчанецот Сашко Гешовски, кој беше првата жртва од Македонија во воените конфликти кои избија во 1991 година во Југославија и беше убиен на 19-годишна возраст во Сплит, ќе добие мермерна спомен плоча пред зградата каде беше убиен.
Веста ја објави хрватскиот електронски медиум Далматински портал, кој известува дека Комисијата за именување на улици и плоштади одржала седница на која било одлучено на општинската зграда во Сплит да се постави спомен плочата.
-Одлуката мора да ја прифати градскиот Совет. Ако зависи само од мнозинството, лесно ќе помине, бидејќи Комисијата одлучи со осум гласа поддршка.
Уште минатата година на седница беше одлучено Сашко Гешовски да добие спомен плоча, но беше спорен натписот на истата. Тогаш беше спорен предложениот текст – Сашко Гешовски, невина жртва на протестите одржани на 06.05.1991 година.
Но, не беше постигнат договор околу натписот, бидејќи се наведуваше дека може погрешно да се интерпретира и се бараше компромис.
,,Сашко Гешовски, Кавадарци, 31.10.1971 – Сплит, 06.05.1991. Несреќно загина на шести мај 1991 година” – беше уште еден од предлозите, но исто така бил спорен двојазичниот натпис, но и местото на поставување, и се дискутирало дали плочата да биде поставена на општинската зграда или пак во парк, пишува Далиматински портал.
Сега пак, предлогот кој го прифатила Комисијата, а кој ќе се најде пред советниците е со натпис:
SAŠKO GEŠOVSKIС
Сашко Гешовски
Kavadarci (Кавадарци), 31.10.1971. – Split (Сплит), 6.5.1991.
NESRETNO STRADAO 6. SVIBNJA 1991. GODINE
НЕСРЕЌНО ЗAГИHA HA 6. MAJ 1991.
Со смртта на Сашко, во кого пукал маскиран припадник на МУП на Република Хрватска и со четири куршуми смртно го погодил додека бил на задача пред зградата на Воено поморската област во Сплит, започна ужасот на војната во Југославија.
Во негова чест годинава, на 33-годишнината од загинувањето се пушти во функција фонтана во неговиот роден град Кавадарци.
-Хероите живеат вечно. Храброста и лојалноста остануваат засекогаш врежани во меморијата на една нација, пишува на фонтаната во Кавадарци.
Во конфликтите во СФРЈ загинаа околу 40 македонски војници кои беа во редовите на ЈНА.
Вики Клинчарова