По 30 месеци во притвор и 11 години судење браќата Ѓоргиевски докажаа дека се невини

by fokus

По 30 месеци во притвор и 11 години низ судските лавиринти, браќата Љупчо и Ордан Ѓоргиевски, денес добија правосилна судска пресуда дека не се виновни, односно дека не го убиле 72-годишниот Лазо Милошевски, од велешкото село Ореше.

Пред една година браќата добија ослободителната пресуда од велешкиот суд, а сега истата ја потврди и Апелација. Браќата постојано тврдеа дека не се виновни за убиството што се случи во 2005 година, а нивниот сомнеж беше дека целиот овој случај е монтиран, и тоа ни помалку, ни повеќе, туку во тогашната УБК, во сооучесништво на обвинителството и судот.

Адвокатот на Ѓоргиевски, Звонко Давидовиќ, за „Фокус“ изјави дека сега ќе бараат обештетување од државата за времето кое браќата неосновано го минаа во притвор, но и за децениската судска голгота.

Ордан и Љупчо минатата година за „Фокус“ сведочеа за голготата низ која минуваат. Тогаш немаат прецизни одговори на прашањата, но затоа, како што велат, низ годините дознале голем број нелогичности според кои заклучиле дека станува збор за монтиран полициско-обвинителски случај.

Велат дека неколку имиња се вртеле како можни ликвидатори, па така не можат да знаат кој точно го убил старецот, но затоа, пак, сигурни се дека целата местенка почнува во УБК, односно тогашната ДБК.

– Дали целта им била да се сокрие вистинскиот убиец, кој бил заштитена мечка, или пак, едноставно имале интерес случајот што побргу да се затвори, со нас како убијци, не знам, сепак она што е јасно како ден е дека сите конци во истрагата ги влечела УБК, иако тоа не било нивна работа, вели Љупчо.

Тој вели дека вработени во УБК зеле околу 80.000 евра награда за тоа што „успешно“ го расчистиле случајот, а, исто така, додава дека поголемиот дел од парите што требало да ги добие и му биле ветени на заштитениот сведок, завршиле во нивните џебови.

Зошто УБК, а не соодветно одделение во МВР, не постапува по овој случај му се видело сомнително и на новинарот Томислав Кежаровски, кој уште во 2008 година обелоденил дека случајот се монтира.

Тој уште тогаш навести дека е подготвен лажен заштитен сведок, но наместо признание за новинарското истражување, беше притворен, а потоа и осуден во случајот „Ликвидација“ за откривање на идентитетот на заштитениот сведок „Бреза“. Кривичниот суд го осуди на четири години и шест месеци, а Апелација му ја намали казната на две години.

Валентина Вурмо

Поврзани новости