По 30 години ми се исполни сонот, ние сме првите Македонци кои донесоа медали од Мр Олимпиа!

by Fokus

Шампионите во бодибилдинг Тоше Зафиров и неговата сопруга Габриела брилираа на натпреварот Мр Олимпиа во Букурешт, Романија, и се првите Македонци кои се враќаат од таму со освоени медали. Зафиров, кој го посвети животот на бодибилдингот, а неговата сопруга исто така од пред неколку години се приклучи на овој спорт и редовно освојува титули на интернационални натпревари, за „Фокус“ вели дека се уште не можат да се соземат од среќа.

Тие се на пат кон Македонија, а вчерашниот успех за Тоше бил остварување на долгогодишниот сон.

-Со цела душа и цело срце се дадов себе на мојата спортска кариера, секој успех ми е чин на љубов кон семејството, блиските и кон татковината. Мр Олимпиа беше мој сон цели 30 години, не се опишува чувството да се развее знамето на Македонија на една таква сцена. Имавме многу откажувања, напорни тренинзи, се вложивме целосно кон остварување на целта. Многу луѓе застанаа зад нас, благодарни сме им на сите за поддршката. Секој на свој начин ја покажува љубовта кон земјата, ова е нашиот начин да го направиме тоа. Овие медали не се само трофеји, туку симболизираат години и години на работа и максимална посветеност – вели Зафиров.

Тој освоил еден, а пак сопругата Габриела два медали. Не ја кријат гордоста и со нетрпение чекале да ја споделат среќата со најблиските веднаш штом пристигнат во Македонија. Тоше е во светот на бодибилдингот со децении, од млади години. Роден е во Тимјаник, Неготино, а поодамна со сопругата и децата се преселија во Скопје. Секогаш бил горд на своите корени и важи за традиционална личност, семеен човек кој е познат во родниот крај како голем хуманист.

Неговите сограѓани знаат да кажат дека кога и да се случило да им притреба помош, посебно во Скопје, токму Тоше бил тој кој без двоумење им пружил рака во тешки ситуации. Во јавноста е познат и како еден од првите телохранители на поранешниот премиер Никола Груевски, но се откажа од ангажманот со цел да се посвети на бодибилдингот, кој отсекогаш бил негова најголема страст. Зад себе има биографска книга во која раскажува за патот кон успехот, мотивирајќи ги младите да не се откажуваат од своите соништа, без оглед на тоа од каде доаѓаат и дали имале тежок живот.

-Следете си ги соништата и работете на себе постојано. Успехот секогаш доаѓа таму каде што има верба и упорност. Уште еднаш се заблагодаруваме на сите добри луѓе кои беа дел од нашето патување кон остварувањето на овој сон – ни изјави Зафиров.

Поврзани новости