Во недела, на 4. септември, ПК Кораб го организира 31. искачување на врвот Голем Кораб (2764 мнв).
И покрај тоа што планинарското друштво во изминатите 30 години ангажираше превоз со комбиња или автобуси, за првпат оваа година планинарите ќе останат без такво нешто.
Причината за тоа се повеќе фактори кои се оправдани – исклучително лошиот пат, но и растот на цените на горивата. Па така, планинарите кои сакаат да одат на ова искачување, ќе мора сами да се снаоѓаат со превоз.
Претседателот на ПК Кораб, Љубомир Котевски за „Фокус“ ја појасни целата ситуација и побара разбирање од сите планинари.
„Оваа година за жал нема организиран превоз. Патот е катастрофален и автобус кој еднаш дошол, повеќе никогаш не прифатил такво нешто. Жално што патот до караулата е во таква состојба. Тоа ги одвраќа планинарите за посета на ова место“, вели Котевски за „Фокус“.
Планинарите апелираат надлежните власти да се заангажираат за санирање на овој пат кој е долг десетина километри.
„Со градски автомобил таму не се оди воопшто. Патот е крш и поради тоа и планинарите се поретко одат кон Голем Кораб и тој предел. Станува збор за пат од околу 10 километри кој се исклучува од патниот правец од Маврово кон Бигорски манастир. Се надеваме дека надлежните ќе помислат и на нас, љубителите на природата“, реагираат планинарите.
Корабскиот масив е еден од најубавите во Македонија, на самата граница со соседна Албанија. Целата таа природа нуди неверојатни глетки од околните врвови, кои треба само да се доживеат.
Јорданчо Цветаноски