Се случи тоа далечната 1997 година, кога на музичката сцена се нудеа и просперираа само квалитетни песни, кога фестивалите оставаа евергрини зад себе. Таа година беше создадена песната „Последен танц“.
Заедно со Кате Танева и нејзината група ,,Нели ти реков” ја отпеавме нумерата на „Макфест“ во Штип, освоивме второ место, и можеби во тој период не бевме ниту свесни дека сме создале историја, ремек дело во ризниците на македонската музика. Денес, по толку години сфаќаме дека квалитетот не излегува од мода, а ние двајцата со Кате, откако пред шест месеци повторно се споивме како музички тандем и започнавме со заеднички настапи, периодов добиваме неброени понуди за гостувања – за ,,Фокус” раскажува музичарот Ѓоко Ѓорчев.
Откако со Кате решиле да започнат да настапуваат заедно, со внимателно избран репертоар на кој неизоставен е нивниот безвременски дует ,,Последен танц”, Ѓорчев вели дека не ни очекувал ваков кам-бек на сцената, на свои 68 години. Се радувал што на сите нивни настапи публиката станува на нозе, наизуст се пеат песните од репертоарот, а најголема еуфорија секогаш предизвикувала изведбата на дуетот.
-Зад себе имам 35-годишна кариера, но не верував дека на оваа возраст вака ќе се активирам, како сега што се случува со Кате, дека телефоните постојано ќе ѕвонат, ќе не бараат насекаде низ земјава на настапи, како во локали, така и на манифестации. Но, годините за мене се само бројка. Мојот омилен музичар Том Џонс, еве на 83 години настапува, има големи концерти и турнеји, значи кога е музиката во прашање, со тек на годините се покажува само поголема зрелост, искуство. Заедно со нас настапува и Сашо Ѓоргиев, кој стои зад музиката на „Последен танц“, додека пак текстот за овој наш хит е на Огнен Неделковски.
Неодамна имавме средба со музичари од Хрватска, Кате веќе има соработка со нив, ни беа гости на настап. Кога го слушнаа дуетот, останаа без текст. Веднаш ни понудија да се сними хрватска верзија на песната, за тамошниот пазар, уверени се дека имаат хит. Договорено е да се сними верзијата во студио во Скопје, под палка на хрватска продукција, ќе се сними и спот во Македонија, кој потоа ќе биде промовиран во Хрватска.
Во ова време на кич и неквалитетна музика, мислам дека старите добри песни дури добиваат повеќе на значење, дека нашиот дует како на некој начин да созреал уште повеќе со тек на годините, што не наведе да размислуваме и за нови авторски песни, потпишани исто така од Сашо Ѓоргиев- раскажува Ѓорчев.
Покрај редовните настапи со Кате, тој на 26-ти април ќе одржи солистички концерт во неготинскиот Центар за култура „Ацо Ѓорчев“, а влезот за сите посетители ќе биде бесплатен. Настанот е поддржан од Министерството за култура, а внатре во центарот ќе бидат поставени кутии за донации, за младиот Јани Иванов од Неготино, кој е на подолго лекување во соседна Грција.
-Концертот кој ќе се одржи овој петок ќе има и хуманитарен карактер, и сите се добредојдени. Влез нема да се наплаќа, тоа е еден вид на подарок од мене за верната публика која ме мотивира и од која ја црпам силата да продолжам со настапи и творештво на нови музички дела. Потоа, на лето, ќе одржам и традиционален концерт на отворено, на старата неготинска чаршија- изјави музичарот.
Вики Клинчарова