По речиси 25 возбудливи години, заминувам од Скопскиот џез фестивал (СЏФ), во потрага по нови авантури и предизвици. Ви благодарам за поддршката и соработката, ви посакувам сè најдобро на приватен и професионален план. Се надевам дека ќе имаме прилика повторно да соработуваме, соопшти вчера Костадин Шурбановски, кој беше на функцијата директор на Скопскиот џез фестивал.
За сите прашања околу фестивалот, ја упати јавноста да се обрати кај основачот и организатор на СЏФ, Оливер Белопета.
Белопета пак, покрај СЏФ, фестивалот кој постои 43 години, стои и зад организацијата на ОФФ-Фест.
СЏФ и ОФФ-Фест се едни од најпознатите фестивали кај нас. Минатата година пред одржувањето на 23-то издание на ОФФ-Фест, на прес конференција Белопета соопшти дека иднината на двата фестивали е неизвесна.
Се пожали дека немаат доволна финансиска поддршка, немаат доволно медиумска поддршка (со исклучок на електронските медиуми) и немаат отворена летна сцена.
Минатата година СЏФ беше поддржан со сума од 3.800.000 денари, односно околу 62.000 евра на Конкурсот за финансирање на проекти од национален интерес во културата. ОФФ-Фест пак, лани од истиот Конкурс беше поддржан со сума од 2 милиони денари, односно околу 32.500 евра.
Вики Клинчарова