Сопружниците од Неготино, кои беа првите лица кај кои беше регистриран Ковид-19 во градот на 15-ти април, по 21 ден поминат на домашно лекување, се негативни на вирусот. Веста дека двете лица од Неготино се излекувале, односно имале два негативни теста, ја потврдија од Министерството за здравство.
Брачниот пар на возраст од 73 и 76 години, во добра здравствена состојба помина 21 ден во домашна самоизолација. Поради контакт со нив, на повеќе лица од Неготино им беа издадени Решенија за самоизолација и истите поминаа 14 дена во своите домови.
Според Центар за јавно здравје Кавадарци, сопружниците без симптоми барале да бидат тестирани бидејќи биле во контакт со лице сомнително или евентуално позитивно на вирусот.
По објавата на веста, нивната ќерка која живее во Кавадарци апелираше да престане стигматизацијата на семејството и за ,,Фокус” изјави дека направила тестирање за корона вирус, а резултатот бил негативен. Во Демир Капија, регистрирани се седум активни случаи на вирусот.
Според СВР Велес, во општината има 20 лица кои биле во контакт со инфицирани од вирусот и им е издадено Решение за самоизолација. Десет лица пак се со Изјава за самоизолација, односно станува збор за возачи на камиони кои се вратиле до странство.
Вики Клинчарова