По повод Меѓународниот ден на човечката солидарност, 56 семејства од Општина Валандово добија помош од по 20.000 денари. Веста дека субвенциите им се исплатени на семејствата за ,,Фокус” ја потврди градоначалникот Перо Костадинов, кој беше иницијатор на доделувањето на субвенциите.
-Реализирана е субвенцијата за лица со попреченост од Општина Валандово по повод Меѓународниот ден на човечката солидарност. Субвенцијата, во висина од 20.000 денари опфаќа 56 семејства од локалната заедница. Целта на истата е да ги поддржи овие лица и нивните семејства и полесно да го пребродат периодот на енергетска и економска криза со кои сме соочени како општество. Сакаме хумана и солидарна заедница во која човек на човек, е човек. Тоа е идеалот во кој веруваме и од кој не се откажуваме – порача градоначалникот.
Тој во август годинава информираше дека на седница на Советот на Општина Валандово на дневен ред ќе биде нова еднократна субвенција, наменета за помош на лицата со попреченост од заедницата и појасни дека се планирани околу 1,6 милиони денари од буџет за оваа намена.
Тогаш порача дека одговорните политики кон лицата со попреченост секогаш се негов приоритет и целта му е да се гради хумана и солидарна заедница.
Вики Клинчарова