По 18 месеци, Австралија од следниот месец ги отвора границите

by Fokus

Осумнаесет месеци по воведувањето на забраната за патување во странство без дозвола поради коронавирусот, Австралија од следниот месец повторно ќе ги отвори своите граници, изјави денеска премиерот Скот Морисон.

Според ова, вакцинираните Австралијци „од следните недели“ ќе можат да се вратат дома и да патуваат во странство, откако во земјата ќе се постигне целта на 80 проценти вакцинирано население.

-Дојде моментот Австралијците да си го вратат животот. Се подготвуваме за тоа и Австралија многу брзо ќе биде подготвена за тоа, рече Морисон.

Вакцинираните лица, додаде Морисон, ќе бидат во седумденевен карантин дома по нивното враќање во земјата, со што ќе се избегне задолжителниот скап 14-дневен карантин во хотел, што во моментов е на сила.

Австралија на 20 март минатата година воведе едни од најстрогите ограничувања во светот во однос на границите, како одговор на пандемијата на коронавирусот, по што во наредните 560 дена беа прекинати бројни меѓународни летови, а патувањето во странство беше сведено на минимум.

Семејствата беа поделени на повеќе континенти, австралиските државјани беа блокирани во странство, додека странските државјани беа блокирани во земјата и не можеа да ги видат своите пријатели или родители.

Според Министерството за внатрешни работи, само во првите пет месеци од оваа година биле одбиени повеќе од 100.000 барања за влез или излез од земјата.

 

Поврзани новости