Од пред неколку месеци, по речиси 15 години поминати зад решетки, 69- годишната Шефкие Јакупи, повторно ја осети слободата, бидејќи стапна надвор од ќелијата и дворот на затворот ,,Идризово”. Таа издржува 20-годишна казна за убиство на својот маж, злосторство од кое во 2008 година на сите им се заледи крвта.
Кога пред две години ја посетивме Јакупи во женското одделение во ,,Идризово”, таа веќе оддамна го исполнуваше условот да користи слободни денови на слобода, но немаше каде и со кого да оди.
Децата и беа преселени во странство, а куќата во која живеела во Кичево била распадната, без струја и вода. Сама не можеше да оди, бидејќи е во години, но и имаше изгубено осет со животот надвор од затворот.
Од неодамна старицата почнала да излегува, односно како што ни појасни директорот Зоран Јовановски, добива право на излез кога во посета и доаѓа ќерка и.
Заплетот на животната приказна на Шефкие почнува во младоста. Кога имала 18 години, од кичевското село Зајас, ја омажиле со стројници за 24-годишниот Абаз. Идните животни сопатници за првпат се виделе на венчавката, а набргу потоа заминале да живеат во Германија. Но, наместо да го живеат германскиот сон, нивната судбина најмногу наликува на сценарио за филм, и тоа хорор.
По 34-години брак, Шефкие, едно утро ја зела секирата и го убила сопругот. Откако се уверила дека веќе не дише, го искасапила, поточно го исекла на парчиња со електричен сечач за леб. Поголемиот дел од остатоците од телото ги спакувала во црна вреќа, која ја фрлила во контејнер. Поситните делови од телото, пак, ги фрлила во веце-шолја.
Телото на Абаз никогаш не било најдено, бидејќи завршило во дробалката на камионот за ѓубре. Сведоштво за страшниот чин биле само остатоците што ја затнале канализацијата, во зградата во германскиот град Дизелдорф.
По убиството, жената се вратила во Кичево, а полицијата ја најде во психијатриската болница во Демир Хисар.
При посетата во 2022 година на затворот, Шефкие воопшто не се воздржуваше да ја раскаже својата приказна.
-Ме тепаше, пиеше, одеше по швалерки… Дури четирипати лежев во болница откако ќе ме претепаше. Трпев, трпев со години, но еден ден веќе не можев, раскажуваше затвореничката.
Според пресудата, таа го убила сопругот Абаз додека спиел, но таа негира.
-Беше 18 декември 2007 година. Станав утрото, а тој не ми даваше корка леб. Ме заклучи во собата од 8 до 14.30 часот. Ме тепаше, а во еден момент додека се туркавме,со секира ме исече на раката. Некако успеав да му ја земам секирата и ја забодев во него, се правдаше соговорничката.
Без воздржаност, таа раскажа и дека по убиството го искасапила телото, деловите ги собрала во црна вреќа и ги фрлила во контејнер. Додека, пак, крвта и ситните остатоци ги собрала и ги фрлила во веце-шолјата.
По извршеното злосторство и сокривањето на трагите, Шефкие се вратила во Кичево. На 3 јануари, нејзината сосетка, без да знае што сторила, ја однела во психијатриската болница во која се лекувала и претходно, односно била сместена и во 2004 година, со параноидно депресивни симптоми.
Потоа, следувало судењето, за кое осуденичката вели дека ништо не разбрала. Тогаш речиси воопшто не го разбирала македонскиот јазик, а како што вели, од помош не ѝ бил ниту преводот на албански.
Ја осудиле на 15 години затвор, а Апелација и ја зголемила казната за уште 5 години.
Таа е со најголем стаж во женското одделение, а од затворот нѐ испрати со молба да ја раскажеме нејзината животна сага, среќна дека по толку години некој се сетил на неа. Рече дека сѐ уште има надеж дека некој ќе се смилува и ќе ѝ дозволи по толку години поминати во затвор да излезе на слобода. Затоа и нѐ испрати со зборовите:
„Не сакам да умрам тука!“.
Валентина Вурмо