Денеска во Владата, на иницијатива на премиерот Димитар Ковачевски, се одржа состанок на кој присуствуваа Министерот за здравство, Фатмир Меџити, заменичката Маја Манолева, советничката за здравство Ана Данева-Маркова, претставници на Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за лекови и медицински средства, претставници од фармацевтските компании, на кој се разговараше за можни решенија за ажурирање на позитивната листа на лекови.
„На состанокот беше потенцирано дека унапредувањето на јавното здравство и подобрувањето на грижата за пациентите е значаен стратешки приоритет на Владата. Оваа цел може да се постигне единствено преку обезбедување на механизми за навремен и соодветен пристап до современи, висококвалитетни лекови и медицински помагала. Затоа, здравствен приоритет на Владата е деблокирањето на процесот на воведување на нови лекови на листа на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување“, соопштија од Владата.
На средбата беше потенцирано дека листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија не е ажурирана веќе 15 години и дека е неопходно да се прочисти, а лековите кои се застарени да се сменат со нови без при тоа да има финансиски импликации врз буџетот.