Пролетната турнеја во Австралија на фолк пејачите Сузана Гавазова и Борче Наумовски – Министерот, заедно со девојките од модното студио Санел, заврши пред неколку дена, и екипата се врати во Македонија. Организатор на турнејата е менаџерот Пикси, сопственик на студиото Санел, и информира дека се одржале 13 успешни концерти во поголемите австралиски градови.
На секој настан посетеноста била огромна, и концертите поминале во знак на родољубието, со веење на знамиња и гардероба во црвено- жолта боја.
Како што појаснува Пикси, турнејата беше наречена ,,Бум, бум” според истоимената песна на Гавазова која што има над 14 милиони прегледи на музичкиот канал Јутјуб.
Впечатоците на нашите иселеници кои биле дел од публиката на концертите, не стивнуваат, па се уште се објавуваат фотографии и видео снимки од настапите на Гавазова. Таа по потекло е од Струмичко, и поради тоа за време на турнејата нашинците во Австралија започнале да ја нарекуваат Струмички ураган.
Пред три дена Гавазова учествуваше на првото издание на музичката манифестација ,,Фолк вечер на популарноста,, која се одржа во хотел во Кочани и таму доби признание поради својата активност на фолк сцената и промовирањето на Македонија преку песна.
Уметничкиот уредник и водител на настанот, фолк пејачот Благоја Грујовски, ја најави пред присутните со зборовите дека доаѓа Струмичкиот ураган, според новото уметничко име кое и го смислија нашите иселеници.
Таа се заблагодари за наградата и истакна дека пее и живее за публиката, а признанието и дава поголем мотив да продолжи да работи уште повеќе. Се заблагодари на публиката, на семејството за поддршката, на соработниците, но и на Грујовски поради тоа што се борел за македонската народна песна.
На настанот покрај Гавазова, признанија добија Сузана Спасовска, Наум Петрески, Ленче и Горан Кукиќ и други изведувачи на македонски народни песни.
Вики Клинчарова