Основното јавно обвинетелство Кавадарци поднесе Обвинителен предлог против 62-годишен жител на Неготино за кривични дела – Предизвикување општа опасност од член 288 став 1, како и Мачење животни според член 233 став 1 од Кривичниот законик, соопштија од ОЈО Кавадарци.
Од таму, додаваат дека обвинетиот, на 08.01.2023 на улицата ,,Индустриска” во Неготино, со намера да усмрти кучиња, истурил течен отров помешан со храна.
Иако бил свесен дека на местото има голема раздвиженост на луѓе кои би можеле да дојдат во допир со отровот, тој свесно предизвикал значителна опасност. Отровот го консумирало куче кај кое настанала интоксикација и угинало-наведено е во јавното соопштение од обвинителството.
Сепак, како што во повеќе наврати пишуваше ,,Фокус” за конкретниот случај, станува збор за десетици животни кои умреа во тешка агонија пред повеќе од една година во индустриската зона во градот, но само едно од отруените животни со судски налог беше однесено на обдукција, бидејќи во меѓувреме, од незнаење, комуналната служба ги собрала сите починати животни и ги однела во градската депонија. (Според закон, кога ќе се наиде на починато животно за кое се има основано сомнение дека е отруено, се повикува полиција и ветеринарна инспекција, и телото по службена должност се носи на обдукција.)
На улицата каде се случи труењето се лоцирани голем број на деловни објекти, односно работилници, чии соственици имаат кучиња-чувари, и сопствениците не известија за масакрот кој се случил тој ден.
Појаснија дека трујачот оперирал еднаш до два пати годишно, и во годините наназад на овој начин изгубиле многу кучиња.
Покрај кучињата, беа отруени и голем број на мачки кои луѓето таму ги хранаеле и чувале, а исто така настрадале и повеќе гулаби.
На безбедносните камери на објект било снимено лицето кое го остава ќесето со отровна храна, веднаш до контејнерот, а потоа и кучињата кои доаѓаат до него од околните објекти и јадат. По околу 15 минути, тие со симптоми на тешко труење, во агонија започнале да умираат во огромни маки на околу 30 до 50 метри од контејнерот.
Луѓе кои тогаш се наоѓале во близина притрчале да им помогнат, но поради јачината на отровот, кучињата починале.
Случајот беше пријавен во полиција наредниот ден, од страна на еден од сопствениците на отруените кучиња.
-На ден 09.01.2023 година во 15.30 часот во Полициската станица во Неготино, П.К. (45) од Неготино пријавил дека во периодот 08.01.2023 до моментот на пријавување биле отруени неговото куче раса ,,германски овчар” и други кучиња во Неготино. Се работи на расчистување на случајот-информираа од СВР Велес.
-Ова е прв пат да имаме снимки од човекот кој го остава ќесето со отров. Токму поради тоа уште погласни се нашите апели сторителот да биде изведен пред лицето на правдата, да не се заташка случајот! Познато е дека тоа е пракса на трујачите, да го остават ќесето со отровна храна покрај контејнер, а не внатре, оти така и кучињата ќе имаат пристап до него.
Има ли потреба да кажуваме дека отровот е огромна опасност и за луѓето? На тревници останува и до две недели, понатаму ги контаминира и подземните води! Животните умираа во невидени маки, со стомачни грчеви, некоординирани движења, тремори-раскажа тогаш за ,,Фокус” сопственик на едно од отруените кучиња.
Денес, тој вели дека очекува да биде повикан на сведочење, во надеж дека ќе има правда за невините животни кои починале во агонија.
Исто така, сопственици на домашни миленици раскажуваат дека и поради недоверба во институциите, дури и многу често се случува да не пријават труење, бидејќи ретко кога, посебно во минатото, беше отриен идентитетот на трујач и тој бил изведен пред лицето на правдата, и покрај тоа што се работи за сериозно дело кое претставува општа опасност.
Целиот случај се одолговлекуваше повеќе од една година, и во октомври минатата година, односно десет месеци по настанот, од обвинителството за ,,Фокус” изјавија дека обдукцијата потврдила дека кучето било отруено со разорен отров, предметот бил во предистражна постапка, доставени биле докази во вид на видео снимки, но немало пријава.
Причина за тоа било што органот за идентификација на СВР Неготино не поднел кривична пријава, бидејќи како што појаснуваа од обвинителството, лицето не можеле прецизно да го идентификуваат.
Денес, по повеќе од тринаесет месеци од настанот, конечно е поднесено обвинението.
Како потсетување, кон крајот на минатата година имаше сличен случај, кога беше откриен трујач во кавадаречката населба Глишиќ, кој во полиција го признал делото. Тој исекол неколку парчиња салама и ги испрскал со разорен отров кој се користел за прскање на земјоделски култури. Ги оставил пред двор, каде живееле четири семејства, но исто така имало и голема фреквенција на луѓе и сите ги изложил на сериозна опасност. Од отровните мамки во тешки маки починало маалското куче Белка, а сторителот беше обвинет за предизвикување општа опасност и мачење на животни.
Според судската одлука, тој доби условна казна и глоба од 300 евра, а граѓански активисти и здруженија за заштита на животните реагираа и најавија дека ќе се жалат на судската одлука, барајќи построга казна.
Со години наназад актуелни се реакциите на бројни здруженија за заштита на животните, да се има сериозен пристап кон овие случаи, со цел да се стави крај на труењето на животни, бидејќи отровот расфрлен на јавни површини претставува огромна опасност и за животот на луѓето.
Вики Клинчарова