По 12 години со „Скопски боеми“, Горјан Стојановски продолжува со бендот „Тајфата“: Џентлменски се договоривме!

by Fokus

По дванаесет години како дел од „Скопски боеми“, музичарот Горјан Стојановски замина од позната група и продолжува со нов бенд. Како што раскажува за „Фокус“, музичката приказна ја продолжува со бендот „Тајфата“ и веќе објавиле нова авторска песна. Како причина за заминувањето од „Скопски боеми“ ја наведува старосната граница на членовите на бендот, но сепак продолжувале со соработка во емисијата „Мерак меана“.

– Чест ми е да најавам дека во новата година влегувам со нова енергија, односно нова соработка со многу убави луѓе. Тоа е бендот „Тајфата“, добро етаблиран бенд со висок квалитет на професионализам во светот на музиката. Фактот дека на естрадата е повеќе од дваесет години кажува многу за овој бенд. Иако низ годините се имаат сменето неколку членови, базата си е иста.

Драго ми е што досегашниот мој бенд Скопски Боеми ја доживеа својата популарност на едно завидно ниво и имавме одлична кариера исполнета со многу настапи, фестивали, награди, турнеи, прослави…
Не е дека јас си заминав од бендот, туку се договоривме џентлменски, а како главна причина беше старосната граница на дел од членовите. Нашата соработка продолжува во емисијата „Мерак Меана“ и понатаму, вели Стојановски, кој истовремено е претседател на Комората на музичката индустрија во Македонија.

Додава дека со новиот бенд договорот ,,паднал” со две реченици и најавуваат многу нови проекти.

– Можам да кажам дека со новите дечки се договоривме со две реченици, тие се мои стари пријатели, колеги, и имаме соработувано многу пати низ годиниве. Аце и Влатко како што реков, се базата, Живко е одличен дувач и сите тие се школувани професионалци. Шармот и убавината на бендот го донесе пејачката Сара која е само неколку години со нив, но веќе има победи на пејачки натпревари низ Балканот.
Нескромно можам да кажам дека гледано како целосен производ, ова е најдобриот бенд на напите простори. Јас нема да се фалам сам, туку само ќе гледам да придонесам да ја подигнеме границата на квалитет на уште повисоко ниво. Стартуваме веднаш со нова песна и видео запис, секако авторска, прикачена е на музичкиот канал Јутјуб и се вика „Девојче Калешо“. Исто така, најавуваме уште многу нови проекти во блиска иднина, порача Стојановски.

Поврзани новости