Водачите на опозицијата просто не смеат да организираат сопствени приеми и прослави во најозлогласените објекти на лудиот груевистички проект, велат од здружението „Плоштад Слобода“ за прославата на „Дајнерс“ во Стариот театар на која пред една недела присуствуваа Радмила Шеќеринска и Зоран Заев.
– Сакаме да нагласиме дека во постапката на најголемата опозициона партија гледаме игнорирање на насилството, игнорирање на бруталните злоупотреби и на „културниот“ терор на власта. Парцијалното прифаќање на проектот за нас е неприфатливо, бидејќи неговата суштина е тоталитарна. Тој проект произлезе од директно кршење на Уставот, од криминално менување урбанистички планови и од наметнувањето на една фараонска волја над сите институции и поединци. Со организирањето сопствен прием во еден од капиталните објекти на „Скопје 2014“ на симболичен начин се оправдува и сè што тој проект претставува – велат од „Плоштад Слобода“.
Здружението потсетува дека во име на борбата против „Скопје 2014“, а пред сè со цел да се помогне во разобличувањето на штетите што ги создава режимот, „Плоштад Слобода“ даде и директна поддршка на опозицискиот кандидат на локалните избори во Oпштина Центар.
– За жал, најважната „опозициска” општина не само што не тргна во сеопфатна борба, туку и склучи неколку непринципиелни договори со власта. Имајќи го ова предвид, последниот потег на вториот човек на СДСМ само ја потврдува подготвеноста за непринципиелни компромиси – се вели во соопштението на „Плоштад Слобода“.