Бугарија нема повисок интерес од тоа да има мир на Балканот и се залага за траен и одржлив мир и добрососедство, изјави поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев коментирајќи ги македонско-бугарските односи.
Според него, Македоија треба да влезе во Европа, но нејзин најголем проблем како што рече е идеологијата на македонизмот, пренесе Телма.
„Тоа е една целосно антибугарска идеологија, која нас не прави фашисти. Тоа е една идеологија на бришење и на манипулирање на историјата. Бугарија треба да излезе и јасно да каже дека ние сме за обединета и неделива Македонија. Тоа е една млада држава и ние треба да и помогнеме да оди напред. Бугарија нема потреба од повеќе територија и е за тоа границите да паднат не да се поместуваат. Бугарија е за траен и одржлив мир и добрососедство“, изјави Плевнелиев.
Според него тезите на главните противници на договорот кој треба да ги подобри односите меѓу двете земји доаѓале од Москва.
„Главните точки се исти. Според мене тие доаѓаат од Москва. Москва ја користи секоја прилика и секој начин да ја дестабилизира ЕУ. Најлесен начин за тоа е преку Балканот. Тука останува на бугарските политичари, независно под која политичка партија доаѓаат, да не одат по точките од една или друга страна, туку да направат дебата во парламентт за суштината на националната стратегија на Бугарија“, додаде тој.