Плевнелиев до Ковачевски и Османи: Спроведете ги уставните промени

by Fokus

„За време на форумот Глобсек имав разговори со македонскиот премиер Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Им кажав дека кога се фокусираат само на Бугарија и не ги прават потребните реформи во Република Македонија, не покажуваат дека се подготвени да ги интегрираат европските вредности во нивните постапки и реформи, во нивните политички одлуки. Им реков: „Едноставно правите голема грешка“.

Ова го изјавил поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев во интервју за „БГНЕС“.

Тој ги потсетил македонските политичари дека не само Бугарија, туку и Романија и Хрватска, како и сите други земји од регионот направија длабоки реформи, односно сите мораа да сменат најмалку 6.000 закони и прописи.

-Сите се жртвуваа многу. Моравме да постигнеме не само политичко единство, туку и единство на општествено и владино ниво низ ЕУ. Многу директно и јасно му реков на премиерот Ковачевски: „Покажи ми колку реформи направи од овие 6.000? Покажи ми дали постигна политички или општествен консензус?“ Затоа што само ако седите на страна и се жалите за „лоша Бугарија“, без да ги направите потребните реформи, тоа нема да се случи! Му реков: „Не фокусирај се на Бугарија, фокусирај се на европските вредности“, порачал Плевнелиев.

Тој побарал Македонија да ги спроведе уставните промени.

-Реформирајте го вашиот Устав, изменете го, не само за доброто на Бугарите, туку и за доброто на Црногорците, за доброто на Хрватите, за доброто на европските вредности. Сè додека не се фаќаат само за работа, туку само лобираат и не прават никакви реформи, го проектираат својот имиџ како жртва на страшната бугарска националистичка политика и тоа нема да им оди во прилог. Ова е чист национализам и популизам – изјавил Плевнелиев.

Поврзани новости