Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски, кој денеска е во прва официјална посета на Загреб, изјави дека изминатите 20 години ѝ биле направени многу неправди на Македонија.
„Во изминатите 20 години имаше многу неправди кон Северна Македонија и созреа времето кога сето тоа треба да се респектира, изјави Пленковиќ.
Тој нагласи дека Хрватска ќе се залага за што подинамичен процес на пристапување на Северна Македонија кон Европската унија.
„Темата која го оптеретува европскиот пат на Северна Македонија по наше мислење е неправедна кон македонскиот народ, македонскиот идентитет. Мислам дека толку остапки се направени од македонска страна што ретко кој народ и држава би прифатила да направи толку исчекори од своја страна за да го забрза својот пат кон членството во Европската унија, изјави Пленковиќ, додавајќи дека треба заеднички да се работи на тоа преговорите за пристапување на Северна Македонија кон ЕУ да започнат што поскоро.